ВИКИПЕДИЈА: за која сите знаат – и никој не знае

ВИКИПЕДИЈА: за која сите знаат – и никој не знае

Спасимир Пилев, активен уредник на Википедија на бугарски јазик, зборува за прашањата со кои се соочува секој акитивен уредувач, Википедијанец, во светот, на било која јазична Википедија. Текстот го пренесуваме во целост:

Во последно време зачестија прашањата колку пари земам за пишување статии на Википедија, каква обврска имам таму, и слично, па ќе си дозволам краток коментар.

Не работам во Википедија и не добивам плата, не само јас, туку сите луѓе кои пишуваат статии, закачуваат фотографии или што и да е поврзано со електронската енциклопедија.

-Ау, па ти не работиш таму?
-Не, го правам тоа затоа што ми е задоволство. Секој си е луд на свој начин.

Википедија ја пишуваат доброволци – пишување статии, закачување фотографии, проучување на извори, патролирање на измените, отстранување на било какви „системски текстови“, одговарање на типови кои ја измешале енциклопедијата со жолт печат или бизнис страница, и уште многу друго. За среќа, има и такви луѓе што прават нешто доброволно во полза на другите. Всушност, Википедија на бугарски јазик ја пишуваат Бугари од странство и странци кои го учат бугарскиот јазик. Ова е добра можност за вежбање на јаазикот. Моите придонеси се незначителни во споредба со оние на другите уредници. Има луѓе со по неколку илјади уредувања.

Целта не е да се земат пари од нареден тримесечен проект, да се започне нешто и да се заврши, а целта не е ниту да ме благословува некој, да ме смета за голем, на Википедија не се собираат лајкови, ниту се бара благодарност. Напротив, почесто се случува да ме нападнат, а понекогаш добивам и закани по живот.

Полесно е некој да излезе на јавно место и да кажува колку нечини Википедија, и никогаш да не се нафати да ја поправи грешката, за што е потребна една минута. Википедија ја пишуваат луѓе. За добро или за лошо, луѓето грешат.

Одвреме навреме се појавува некоја публикација во медиумите за цензура на Википедија: еден политичар платил уредувачи да пишуваат против друг негов колега-политичар (во весникот беше кажано обратно). Не познавам сериозни активни уредувачи на Википедија кои пишуваат само за политика, а уште помалку да напаѓаат еден, или да фалат друг политичар. Постојат луѓе кои не ме сакаат, но местото за искажување лично мислење е Фејсбук, а не Википедија. Се случува вработени во некое министерство да ја разубавуваат статијата за министерот, но по некое време нивниот сервер може да биде блокиран за да се запре ова. Да, некој може да биде блокиран на одредено време.

На Википедија секој може да пишува, но и секој може да ги следи злонамерните уредувања и да ги отстрани. Најубавото нешто на оваа енциклопедија е нејзината транспрарентност – секое уредување е видливо. Понекогаш се случува да ми ѕвонат од некои телевизии со барање на сензации, интриги, општо земено, нешто што ќе ја забавува нивната публика. Но, тоа е досадно, брат. Луѓето кои придонесуваат на Википедија не се безделници најдени на улица кои немаат друга работа и не си го ценат трудот, напротив.

Се разбира дека не е лошо човек да добие награда за она што го прави. Но, мене, и сигурен сум и на многумина други, воопшто не ми е задоволство да пишувам статии по нарачка, затоа што во таков случај ќе важи правилото – кој ги дава парите, тој ја диктира музиката. А да ми наредува некој што да пишувам, малку ги побркал лончињата.

Се случува да се откаже донација. Колку организации откажуваат донации? Поважно е Википедија да не се врзува со сомнителни луѓе.

Неколкупати ме подучуваа да си направам интернет страница и таму да си ги објавувам статиите, бидејќи се исплатело. Во ваков случај насмевката ми станува сè поголема, и на крајот прснувам од смеење. Приватните страници за две-три години стануваат мртви линкови.

Искрено забавна ми е поделбата на „вие“ и „ние“.  Како некој да е должен да направи нешто за другите.

-Зошто не сте ставиле слика од она, зошто не сте ја поправиле оваа грешка? Зошто има малку информации во оваа биографија, а тој/таа е толку значаен? И потоа следува заклучокот:
-Ама таму секој може да пишува како сака.

Ете тоа е мојата мотивација да се занимавам со Википедија во слободно време. Не сакам кога некој дава забелешки.

Последната забелешка:
-Ама ти немаш деца, и лесно ти е.

Гледано со туѓи очи, животот на другите е секогаш лесен. Википедија ја пишуваат семејни луѓе со деца, повеќе од едно, кои работат какви ли не професии. А можеа само да даваат забелешки.

Но, многу е поубаво да оставиш нешто за другите!

Линк до оригиналниот текст – https://blog.wikimedia.bg/2019/06/21/wikipedia/