Вики конференција за наставници во Охрид

Вики конференција за наставници во Охрид

На 16 ноември 2018 година, во големата сала на Општина Охрид се одржа Вики Конференција за наставници, на која учествуваа 67 наставници и стручни соработници, претежно од западниот дел на Македонија.

Во првиот дел „Вовед во Википедија и останатите сестрински проекти“, за кој предаваше претседателката на ГЛАМ Македонија, Снежана Штрковска, учесниците беа запознати со работата на самото здружение, како и со почетокот и создавањето на Википедија како интернет енциклопедија.

Во второто предавање наречено „Википедија како поле за корисен волонтеризам“ на кое предавач беше Наташа Неданоска најмногу стана збор за Вики клубовите низ Македонија. Тоа се клубови во кои членуваат ученици од основните и средните училишта, и заедно со своите ментори создаваат статии кои се објавуваат на Википедија. Освен што волонтираат, се дружат и учат, Неданоска истакна дека овој начин за користење на слободното време е корисен од повеќе аспекти.

На третото предавање „Извори на информации“ кое го предаваше Гордана Јовиќ-Стојковска, најмногу се кажа за тоа како се ставаат референци на еден текст на Википедија, како и за нивната важност во уредувачките финеси.

На крај од конференцијата, Снежана Штрковска одржа еден воведен курс за уредување на Википедија, при што учесниците можеа да се здобијат со првични информации како да започнат да бидат уредувачи на Википедија. На курсот беа присутни и ученици од ОУ.„Кочо Рацин“ од Охрид, учесници во Вики клуб Охрид, кои помогнаа и практично покажаа како тие уредуваат на Википедија.

За време на затворањето на конференцијата, беа доделени сертификати на присутните учесници.