„Салон за стратегија“

„Салон за стратегија“

Во Скопје, на 27.07.2019, се одржа првиот „Салон за стратегија“ во организација на ГЛАМ Македонија. Здружението за умножување на слободни содржини ГЛАМ Македонија, како дел од семејството на групи и ограноци на Викимедија, за првпат го донесе овој вид на собир на активисти на движењето Викимедија во нашата држава.

Салонот за стратегија  во Скопје беше еден од дваесетте салони одобрени од Фондацијата Викимедија, раководно тело на Википедија и нејзините сродни проекти, а за првпат на картата се најде и Скопје. Салонот се одржа во саботата со почеток во 19:00 часот. На овој собир, или службено именуван како „Салон за стратегија“, учество зедоа над 25 најактивни активисти, членови на ГЛАМ Македонија и тесни соработници, поддржувачи и медиумски претставници. Активностите на учесниците на овој „Салон за стратегија“ беа поврзани со дискусија за тоа каде се движи Движењето Викимедија, како да се подобри ситуацијата во Македонија во однос на ова движење, како се гледа развојот на движењето во светот и Македонија и давање конкретни предлози за идни проекти и активности. Поделени по групи, учесниците имаа можност да одговорат на зададени прашања и да дадат конкретни предлози со кои би се зголемило присуството на проектите на Викимедија во општествениот и јавен живот во Македонија и светот.

Фондацијата Викимедија веќе подолго време активно работи на реализацијата на својата визија за што поголем и бесплатен пристап на луѓето до слободното знаење и информации. Преку нејзиниот најголем проект „Википедија“, Фондацијата до сега има достигнато огромни резултати. Википедија на македонски јазик е дел од семејството на јазици на кои се прикажува Википедија, и истиот има над 100.000 статии. Целта на ГЛАМ Македонија и нејзините активисти е овозможување на што поголеми и подетални содржини на македонски јазик, секако бесплатно за користење и умножување.