ВИКИПЕДИЈА НАПОЛНИ  19  ГОДИНИ

На 15 јануари 2020 година Википедија наполни точно 19 години од своето постоење.  Со цел да се одбележи денот, Википедијанците уредувачи од Македонија се вклучија во идејата да се напише статија како подарок. Беа создадени 25 нови статии на Википедија на македонски јазик, од 20 уредувачи. Во вечерните часови, пак, Википедијанците се собраа на средба, каде беше послужена роденденска торта.

Списокот на статии-подароци може да се види на линкот:

https://mk.wikipedia.org/wiki/Википедија:Википедија_19

РАБОТИЛНИЦА „ЗАПОЗНАЈТЕ ЈА СРПСКА“

На 13 декември 2019 година се одржа тричасовна работилница со членовите на Вики Клубот Старо Нагоричане. Членовите на Вики Клубот уредуваа статии поврзани со Република Српска.

Беа создадени 14 нови статии на Википедија на македонски јазик.

Овој проект беше сработен во соработка со Викимедијанската заедница на Република Српска, а во склоп на нивниот поширок проект „Запознајте ја Српска“.

РАБОТИЛНИЦА ОСТЕН

На 6 декември 2019 година се одржа тричасовна работилница со членовите на Вики Клубот Музеј на македонската борба, во просториите на Остен. Присутните ги поздрави директорот Мице Јанкуловски, кој раскажа за своето детство и почетоците на кариерата како карикатурист. Извршната директорка на Остен, Корнелија Конеска , ги запозна присутните за почетоците и развојот на Остен, а потоа започна заедничкото уредување.

Членовите на Вики Клубот уредуваа статии поврзани со работата на Остен.

Дел од атомосферата на фотографиите:

Оглас за вработување

Локација: Скопје

Рок за пријавување: 13 декември 2019 година

Споделено знаење и ГЛАМ Македонија се признати ограноци на Фондацијата Викимедија во Македонија, и двете групи работат на промовирање на Википедија, како и на други проекти.

Заедничкиот грант за 2020 година, добиен од Фондацијата Викимедија, предвидува две работни позиции за период од 1 јануари – 31 декември 2020 година, на кои се бараат иновативни, мотивирани поединци, со добро чувство за професионална одговорност и со работна етика за позициите:

Менаџер на заедницата и Административен и логистички менаџер

Потребни квалификации (за двете позиции):

  • Најмалку ВСС VII/1 степен (или најмалку 240 кредити според ЕКТС)
  • Одлично познавање на англиски јазик (пишување и зборување)
  • Возачка дозвола Б – категорија
  • Познавање на работа со Википедија се смета за предност
  • Работно искуство во невладин сектор се смета за предност

Работно време (за двете позиции):

Работното време е 6 часа дневно, од кои 4 платени и 2 волонтерски часа.

Одговорности и задачи

Менаџер на заедницата:

  • Регрутирање на волонтери
  • Водење на обуки за уредување на Википедија заедно со волонтерите
  • Договарање на соработка со можни партнери
  • Оперативно планирање и раководење на проектите
  • Комуникација со заедницата заради остварување на проектите
  • Организирање на настани и промотивни активности
  • Пишување на извештаи за активностите, како и промотивни текстови и материјали за социјалните мрежи

Административен и логистички менаџер:

  • Подготовка на договори и други потребни документи
  • Извршување на банкарски трансакции и пишување извештаи за банкарската состојба
  • Пресметување на даноци, подготовка на даночни извештаи, нивно поднесување до Управа за јавни приходи
  • Подготовка на документација за законски измени, подготовка на финансиски извештаи и контакти со Централен регистар
  • Следење на законски измени
  • Управување со активности и следење на роковите за проектите
  • Организирање на материјали и услуги потребни за проектите
  • Помагање на Менаџерот за заедница при организирање на настани

Ние нудиме (за двете позиции):

  • Вработување на пола работно време во период од 1 јануари – 31 декември 2020
  • Исплата на регрес за годишен одмор (К-15)

Ве покануваме да ја доставите Вашата професионална биографија (CV), мотивациско писмо и фотографија
​на мејлот mksharedknowledge@gmail.com

Само кандидатите кои ќе влезат во потесен круг ќе бидат контактирани.

https://kariera.mk/job/eiytHaQQIk-mLgq3KCLl5w/menadjer-na-zaednicata-i-administrativen-i-logistichki-menadjer

Работилница за ретки болести

Денес, 4.12.2019, во просториите на Црвен крст Охрид, членовите на Вики Клуб Охрид, што го води професорката Наташа Неданоска, се запознаа одблиску со ретките болести. Нивни гостин беше Гордана Лолеска, активист во здружението “Живот со предизвици”. Оваа средба се оствари со заеднички мотив, а тоа е збогатување на Википедија на македонски јазик со статии на тема РЕТКИ БОЛЕСТИ. Целта е повеќе од јасна, за секоја дијагноза на ретка болест членовите на Вики клубот да уредат соодветна статија, потпомогнати од Здружението за ретки болести. Овој процес се очекува да трае подолг период, а едно заокружување би се очекувало на одбележувањето на Светскиот ден на ретките болести во февруари, идната година.

ПОВИК ЗА ВОЛОНТИРАЊЕ НА КОНФЕРЕНЦИЈА

Ако имаш желба да учествуваш во организирање, да стекнеш нови искуства и да запознаеш нови луѓе, пријави се како волонтер на деветтата средба меѓу Википедијанците од Централна и Источна Европа, Wikimedia CEE Meeting, што ќе се одржи во Охрид од 18-20 септември 2020 година.

Wikimedia CEE Meeting е годишна конференција на Википедијанците од Централна и Источна Европа, со цел умрежување, размена на знаења и искуства, а која се одржува во различни држави. Деветтата конференција ќе се одржи во Охрид. Доколку сакаш да си дел од неа, пријави се како волонтер.

Задачи:

Задачите кои се наменети за волонтерите се пред сè од логистички карактер, односно организирање на промотивни активности, помагање на гостите при самата конференција, преземање на некои одговорности при формалните и неформалните активности и слично.

Времетраење:

Од сите волонтери што ќе бидат ангажирани се очекува својот придонес да го дадат во деновите пред, за време и по конференцијата, во зависност од задачите што ќе им бидат доделени. Доколку ви се допадне работата со ГЛАМ Македонија, можете да учествувате и при организирање на другите активнсоти на здружението.

Рок и начин на пријавување:

Сите заинтересирани треба да испратат кратка биографија и мотивирачко писмо на електронската пошта: glammacedonia@gmail.com најдоцна до 30 ноември 2019 година.

Придобивки за волонтерите:

  • Искуство
  • Дружење
  • Знаења
  • Потврда за волонтирање

За сите прашања слободно обратете се на горенаведената електронска пошта.

РАБОТИЛНИЦА ЗА ОРГАНСКА ХРАНА

На 29 октомври 2019 година, се одржа тричасовна работилница во Порта Македонија, во соработка со здружението „Биовита“ од Кавадарци. На работилницата присуствуваа ученици кои се членови на Вики Клубот во Музеј на македонската борба, и кои создадоа осум нови статии на Википедија на македонски јазик за органска храна и органско производство.  На присутните им беше претставена разликата меѓу органското и обичното производство на храна, од страна на стручното лице, Горан Колев.

Дел од атмосферата на фотографиите:

УНГАРСКА РАБОТИЛНИЦА

На 25 октомври 2019 година, се одржа тричасовна работилница во соработка со здружението „Теледом“, по повод унгарскиот празник, 23 октомври. На работилницата присуствуваа ученици кои се членови на Вики Клубот во Музеј на македонската борба, кои создадоа осум нови статии на Википедија на македонски јазик за туристички места во Будимпешта. На крајот, добија благодарници за своето учество.
Дел од атмосферата на фотографиите:

WIKIMEDIA CEE MEETING 2019

Годишната конференција на Википедијанци од Централна и источна Европа се одржа во Белград од 11 до 13 октомври 2019 година. На конференцијата беа разменети искуства, беа одржани предавања и обуки на разни теми поврзани со работата на Википедијанците, а присутните имаа можност и да се информираат за најновите проекти што ги спроведуваат Википедијанците од другите држави.

ГЛАМ Македонија испрати свои претставници. Наредната ваква конференција ќе се одржи во Охрид, во текот на септември 2020 година.

Дел од атмосферата на фотографиите (автор Миодраг Магдевски)

Wikimedia CEE Meeting 2019 participants 02

Wikimedia CEE Meeting 2019 Day 0 - Pre-conference Day 20

Wikimedia CEE Meeting 2019 day 2 - 06

САЛОН ЗА СТРАТЕГИЈА ЗА МЛАДИ

Во Скопје, на 10 септември 2019 година, се одржа првиот „Салон за стратегија за млади“ во организација на ГЛАМ Македонија. Здружението за умножување на слободни содржини ГЛАМ Македонија, како дел од семејството на групи и ограноци на Викимедија, за првпат го донесе овој вид на собир на активисти на движењето Викимедија во нашата држава, најпрвин со „Салон за стратегија“ за возрасни, кој се одржа на 27 јули, а сега и со „Салонот за стратегија за млади“, во траење од три часа.

„Салонот за стратегија за млади“ во Скопје беше еден од единаесетте салони одржани низ светот, а одобрени од Фондацијата Викимедија, каде за првпат на картата се најде и Скопје. Салонот се одржа на 10 септември, на кој зедоа учество вкупно 33 ученици, сите членови на Вики Клубовите кои ги раководи ГЛАМ Македонија. Учениците доаѓаа од над 10 училишта од Македонија, односно, од 4 различни Вики Клубови.
Активностите на учесниците на овој „Салон за стратегија за млади“ беа поврзани со дискусија за тоа како да се постигне поголема вклученост на младите, како да се поттикнат различните групи да бидат присутни како уредувачи на Википедија, а едно од клучните прашања на кои се дискутираше беше и прашањето поврзано со волонтеризмот, како и за лошото однесување на Википедија од страна на некои корисници.


Фондацијата Викимедија веќе подолго време активно работи на реализацијата на својата визија за што поголем и бесплатен пристап на луѓето до слободното знаење и информации. Преку нејзиниот најголем проект „Википедија“, Фондацијата до сега има достигнато огромни резултати. Википедија на македонски јазик е дел од семејството на јазици на кои се прикажува Википедија, и истиот има над 100.000 статии. Целта на ГЛАМ Македонија и нејзините активисти е овозможување на што поголеми и подетални содржини на македонски јазик, секако бесплатно за користење и умножување.