РЕЗУЛТАТИ ОД АКТИВНОСТИТЕ ВО 2018 година

Годината 2018 за ГЛАМ Македонија како Здружение на граѓани беше продуктивна и успешна. Членовите на Здружението направија екстра напори во правец на пропагирање на идејата за слободно знаење, како и во користењето на материјалите при создавање и надополнување на статии на Википедија на македонски јазик, што претставува создавање на слободно знаење, достапно на секого.

Одржани беа бројни настани, членовите на Здружението како претставници се појавија на неколку конференции во странство, а бројките сами зборуваат за успехот:

*Повеќе од 3220 статии беа создадени или надополнети само од членовите на Вики Клубовите во Република Македонија;

*Околу 750 статии беа создадени или надополнети и проверени како резултат на соработката со ГЛАМ секторот;

* 616 лица биле дел од настаните организирани од ГЛАМ Македонија.

ЗАПОЗНАЈТЕ ЈА УНГАРИЈА

Здружението на Унгарците во Република Македонија „Теледом“ поддржано од Амбасадата на Унгарија во Скопје во соработка со ГЛАМ Македонија организира едномесечно уредување на унгарски теми. Целта на проектот, наречен „Запознајте ја Унгарија“ е да се запознаат младите во Република Македонија со унгарската култура, историја и географија преку создавање и/или надополнување статии на Википедија на македонски јазик. Проектот ќе се одвива во текот на 30 дена, од 25 јануари до 23 февруари 2019 година, и ќе опфаќа неколку заеднички работилници.

Право на учество имаат сите малолетни ученици над 10 години од Република Македонија, стари и нови членови на Вики Клубовите, кои ги води ГЛАМ Македонија.

Најуспешните ќе бидат наградени, а наградите ги обезбедуваат Амбасадата на Унгарија и Здружението на Унгарците во Република Македонија. Оценувањето на резултатите од проектот ќе го изврши Комисија формирана од страна на Здружението ГЛАМ Македонија и Здружението на Унгарците во Република Македонија „Теледом“.

Свеченоста по повод завршување на проектот и доделување на благодарници за учество како и награди на најуспешните ќе се изврши во рамките на свеченоста по повод унгарскиот национален празник „15-ти март“ на 16 март 2019 година.

ЗАЕДНИЧКО УРЕДУВАЊЕ по повод 18 РОДЕНДЕН на ВИКИПЕДИЈА

На 15 јануари 2018 година Википедија наполни цели 18 години. На роденден се носи подарок, а каков подарок се дава на една интернет енциклопедија? Најдобар подарок е пишување на статии, па затоа заедно го прославиме роденденот на Википедија со пишување на нови статии или надополнување на постоечките.

Како резултат на овој повик се вклучија 30 Википедијанци, кои заедно напишаа 44 статии, а на 4 постоечки статии им беа внесени референци.

Детално на следниот линк: https://mk.wikipedia.org/wiki/Википедија:Википедија_18

 

ПОСЛЕДНИТЕ НАГРАДИ ЗА 2018 ГОДИНА

Четирите Вики Клубови во Република Македонија работат активно. Во последните два месеца, односно во периодот од 10 октомври до 9 декември 2018 година, активни беа 41 ученик, кои создадоа и надополнија вкупно 234 статии на Википедија на македонски јазик. За најактивните следуваат награди и дипломи, а наградени се (следуваат корисничките имиња):

Прво место – Jtasevski123

 

Второ место три добитници – Simonka34, Bogdanovicm и Velichovskas

Трето место три добитници – Kalan Wiki2, S.korceva123 и B.cvetkova02

Четврто место три добитници – Ema Trajcevska, Sofka.01 и V georgiev

За најдобри статии се прогласени статиите:  Виктор Емануел III и Бени Гудман.

Им честитаме на добитниците.

Вики конференција за наставници во Охрид

На 16 ноември 2018 година, во големата сала на Општина Охрид се одржа Вики Конференција за наставници, на која учествуваа 67 наставници и стручни соработници, претежно од западниот дел на Македонија.

Во првиот дел „Вовед во Википедија и останатите сестрински проекти“, за кој предаваше претседателката на ГЛАМ Македонија, Снежана Штрковска, учесниците беа запознати со работата на самото здружение, како и со почетокот и создавањето на Википедија како интернет енциклопедија.

Во второто предавање наречено „Википедија како поле за корисен волонтеризам“ на кое предавач беше Наташа Неданоска најмногу стана збор за Вики клубовите низ Македонија. Тоа се клубови во кои членуваат ученици од основните и средните училишта, и заедно со своите ментори создаваат статии кои се објавуваат на Википедија. Освен што волонтираат, се дружат и учат, Неданоска истакна дека овој начин за користење на слободното време е корисен од повеќе аспекти.

На третото предавање „Извори на информации“ кое го предаваше Гордана Јовиќ-Стојковска, најмногу се кажа за тоа како се ставаат референци на еден текст на Википедија, како и за нивната важност во уредувачките финеси.

На крај од конференцијата, Снежана Штрковска одржа еден воведен курс за уредување на Википедија, при што учесниците можеа да се здобијат со првични информации како да започнат да бидат уредувачи на Википедија. На курсот беа присутни и ученици од ОУ.„Кочо Рацин“ од Охрид, учесници во Вики клуб Охрид, кои помогнаа и практично покажаа како тие уредуваат на Википедија.

За време на затворањето на конференцијата, беа доделени сертификати на присутните учесници.

 

МЕЃУНАРОДЕН УРЕДУВАЧКИ МАРАТОН ВО СОФИЈА

ГЛАМ Македонија испрати свои претставници на меѓународниот уредувачки маратон кој се одржа во Софија на 10 ноември 2018 година. Темата за уредување на Википедија беше европското културно наследство, а беа создадени вкупно 58 статии на повеќе јазични Википедии. Покрај македонските претставници, на заедничкото уредување учествуваа и претставници од Србија, Грција, Романија, Украина, Бугарија, и Германија.

Настанот беше организиран од страна на Гете институтот во Софија.

ПОТПИШАН ДОГОВОР ЗА СОРАБОТКА СО АРХЕОЛОШКИ МУЗЕЈ

Соработката со Археолошкиот музеј на Република Македонија официјално започнува со потпишаниот договор меѓу ГЛАМ Македонија и Музејот. Со оваа соработка очекуваме на Википедија на македонски јазик да се создадат нови статии поврзани со историјата на мекдонскиот народ, како и да се подобрат постоечките, со текст, цитати, и фотографии што македонската наука ги одобрува.

Договорот е дел од програмата ГЛАМ на Здружението, односно спаѓа во доменот на соработка со  галерии, библиотеки, архиви, музеи и сродните институции.

СРЕДБА И РАБОТИЛНИЦА ПО ПОВОД УНГАРСКИОТ ПРАЗНИК „23 ОКТОМВРИ“

По повод празникот на Унгарија „23 Октомври“, на 24 октомври 2018 година се одржа средба и работилница на членовите на Вики Клубот во Музеј на македонската борба, што го раководи здружението ГЛАМ Македонија и членови на здружението на Унгарците во Република Македонија „Теледом“.

Присутните имаа можност да го видат документарниот филм за Унгарците од Крушево.

На работилницата членовите на Вики Клубот пишуваа биографии на Википедија на македонски јазик за Унгарците учесници во Унгарската револуција од 1956 година. Беа создадени и надополнети вкупно 14 статии.

На присутните им беа доделени благодарници како и по еден примерок од двојазичната книга „По нив остана празнина“ за унгарските бегалци од 1956 година во Македонија.

Дел од атмосферата на фотографиите:

Кои се македонските Википедијанци?

Млади се обучуваат како да објавуваат на Википедија, како да ги проверат фактите и придонесуваат во македонската верзија на енциклопедијата. Нивниот придонес е значаен особено ако се спореди англиската Википедија со 6 милиони статии и македонската со 97 илјади статии. Што порачуваат Википедијанците?

Извор: СлободнаЕвропа