МЕЃУНАРОДЕН УРЕДУВАЧКИ МАРАТОН ВО СОФИЈА

ГЛАМ Македонија испрати свои претставници на меѓународниот уредувачки маратон кој се одржа во Софија на 10 ноември 2018 година. Темата за уредување на Википедија беше европското културно наследство, а беа создадени вкупно 58 статии на повеќе јазични Википедии. Покрај македонските претставници, на заедничкото уредување учествуваа и претставници од Србија, Грција, Романија, Украина, Бугарија, и Германија.

Настанот беше организиран од страна на Гете институтот во Софија.

ПОТПИШАН ДОГОВОР ЗА СОРАБОТКА СО АРХЕОЛОШКИ МУЗЕЈ

Соработката со Археолошкиот музеј на Република Македонија официјално започнува со потпишаниот договор меѓу ГЛАМ Македонија и Музејот. Со оваа соработка очекуваме на Википедија на македонски јазик да се создадат нови статии поврзани со историјата на мекдонскиот народ, како и да се подобрат постоечките, со текст, цитати, и фотографии што македонската наука ги одобрува.

Договорот е дел од програмата ГЛАМ на Здружението, односно спаѓа во доменот на соработка со  галерии, библиотеки, архиви, музеи и сродните институции.

СРЕДБА И РАБОТИЛНИЦА ПО ПОВОД УНГАРСКИОТ ПРАЗНИК „23 ОКТОМВРИ“

По повод празникот на Унгарија „23 Октомври“, на 24 октомври 2018 година се одржа средба и работилница на членовите на Вики Клубот во Музеј на македонската борба, што го раководи здружението ГЛАМ Македонија и членови на здружението на Унгарците во Република Македонија „Теледом“.

Присутните имаа можност да го видат документарниот филм за Унгарците од Крушево.

На работилницата членовите на Вики Клубот пишуваа биографии на Википедија на македонски јазик за Унгарците учесници во Унгарската револуција од 1956 година. Беа создадени и надополнети вкупно 14 статии.

На присутните им беа доделени благодарници како и по еден примерок од двојазичната книга „По нив остана празнина“ за унгарските бегалци од 1956 година во Македонија.

Дел од атмосферата на фотографиите:

Кои се македонските Википедијанци?

Млади се обучуваат како да објавуваат на Википедија, како да ги проверат фактите и придонесуваат во македонската верзија на енциклопедијата. Нивниот придонес е значаен особено ако се спореди англиската Википедија со 6 милиони статии и македонската со 97 илјади статии. Што порачуваат Википедијанците?

Извор: СлободнаЕвропа

СЕДМА КОНФЕРЕНЦИЈА НА ВИКИПЕДИЈАНЦИ ОД ЦЕНТРАЛНА И ИСТОЧНА ЕВРОПА

Од 13-15 октомври 2018 година во Лaвoв, Украина се одржа седмата по ред конференција на Википедијанците кои се активни во земјите од централна и источна Европа. На конференцијата зедоа учество преставници на повеќе од 20 земји, меѓу кои и претставници на ГЛАМ Македонија.

Програмата на конференцијата беше составена така што имаше интересни теми за слушање за долгогодишните, но и за новите Википедијанци.

Дел од атмосферата на фотографиите:

ВИКИ КЛУБ ШТИП

На 28 септември 2018 година, е основан четвртиот Вики Клуб под раководство на ГЛАМ Македонија, Вики Клуб Штип. На двете работни сесии за обука, учениците покажаа голем интерес за уредување на Википедија. Беа обучени 22 членови на новооснованиот Вики Клуб, и беа создадени 6 нови статии на Википедија на македонски јазик. Клубот работи под раководство на координаторот Јованка Шалева.

Истиот ден беше потпишан меморандум за соработка со училиштето „Коле Нехтенин“.

На фотографиите може да видите дел од учесниците и атмосферата:

ПРОШЕТКА НИЗ АРХЕОЛОШКИ МУЗЕЈ

На 27 септември 2018 година, Википедијанците, членовите на ГЛАМ Македонија и пријателите имаа можност да го посетат Археолошкиот музеј на Македонија во Скопје. Присутните имаа можност да се запознаат со работата на овој музеј, како и да ги разгледаат поставките на музејот.

ВИКИ КАМП ДОЈРАН 2018

Во деновите од 7 до 9 септември 2018 година во хотел Полин во Дојран се одржа вториот Вики Камп за малолетни ученици во организација на Здружението на граѓани ГЛАМ Македонија од Скопје. На Вики Кампот учествуваа 46 ученици од повеќе од 10 основни и средни школи во Македонија.

Учесниците на Вики Кампот уредуваа статии на разни теми, се дружеа и се забавуваа. Покрај уредување на Википедија на македонски јазик, учесниците имаа можност да ја посетат околината, како и црквата „Св. Илија“.

Во текот на трите дена беа создадени околу 300 нови статии на Википедија на македонски јазик, а најдобрите и најуспешните беа наградени.

Сите слики може да се видат на следниот линк WIKICAMP Doyran

 

 

ВИКИ КАМП ДОЈРАН 2018

Денеска, 7 септември заминуваме на Вики Камп во Дојран. Подгответе ги прстињата за уредување, подгответе се за забава и уживање. Резултатите ќе ги објавиме наредната недела.

За потсетување како беше минатата година 🙂

ГОЛЕМО НЕДЕЛНО ИНТЕРВЈУ на kulturno.mk

За сите активности на Здружението зборува Снежана Штрковска, претседател на ГЛАМ Македонија: „Целта е да ја направиме Википедија на македонски јазик место каде може да се прочитаат точни информации.“

Целото интервју на следниот линк http://kulturno.mk/2018/09/01/intervju-na-nedelata-snezana-strkovska-direktor-na-glam/