ГЛАМ Македонија објавува Конкурс!

Го прошируваме нашиот тим!
Станете дел од Здружението на граѓани ГЛАМ Македонија, кое е признат огранок на Фондацијата Викимедија во Македонија, и работи на промовирање на Википедија, како и на други проекти.

На отворената работна позиција за период од 1 септември – 31 декември 2023 година, со можност на продолжување во следната 2024 година, се бара иновативен, мотивиран поединец, со добро чувство за професионална одговорност и со работна етика за позицијата:

* Менаџер на образовната програма

Потребни квалификации:

  • Најмалку ВСС VII/1 степен (или најмалку 240 кредити според ЕКТС)
  • Одлично познавање на англиски јазик (пишување и зборување)
  • Возачка дозвола Б – категорија – не е услов
  • Познавање на работа со Википедија се смета за предност
  • Работно искуство од најмалку 2 години во невладин сектор се смета за предност
  • Работно искуство од најмалку 2 години во образовние (на проекти и/или работа со ученици) се смета за предност

Работно време:

Работното време е 6 часа дневно, од кои 4 платени и 2 волонтерски часа, но доколку проектите го бараат тоа, може да биде и попладневно или за време на викенди.

Одговорности и задачи:

  • Да ги води Вики клубовите кои ги имаме веќе воспоставено низ Македонија, како и да отвора нови;
  • Да ги организира и да ги води обуките на учениците, наставниците и возрасните за уредување на Википедија;
  • Да органзира и спроведе (со помош на останатите вработени и волонтерите): вики конференции за наставници, натпревари за уредување, работилници, вики камп и други активности поврзани со образовната програма;
  • Да врши организирање на материјали и услуги потребни за проектите.

Ние нудиме:

  • Платена обука во траење од неколку месеци, и потоа вработување на пола работно време;
  • Интересна и исполнета седмица, соработка со различни профили на луѓе;
  • Патување.

Ве покануваме да ја доставите Вашата професионална биографија (CV), мотивациско писмо и фотографија со назнака за позицијата на мејлот glammacedonia@gmail.com

Само кандидатите кои ќе влезат во потесен круг ќе бидат контактирани.

Програма ГЛАМ

Програма ГЛАМ – има за цел збогатување на содржините на Википедија преку сорботка со институциите што спаѓаат во ГЛАМ секторот (галерии, библиотеки, архиви, музеи и сродни институции, оттаму и името на ова здружение), меѓу кои: Музеј на македонската борба во Скопје, Државен архив на Република Македонија, Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, Институт за национална историја (ИНИ), општина Карпош, општина Велес, општина Старо Нагоричане, Воениот музеј, и други.

Првиот матичен Википедијанец во соработка со ГЛАМ Македонија го прими Државниот архив на Република Македонија. Во текот на годините воспоставена е соработка со повеќе ГЛАМ институции, а испративме матичен Википедијанец во: Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, Институт за национална историја (ИНИ), Археолошки музеј, Природонаучен музеј во Скопје, Друштво на писатели, и Хидробиолошки завод во Охрид.

Од досегашната соработка со ГЛАМ секторот во Македонија, за употреба на Википедија се ослободени повеќе од 3000 фотографии и документи, создадени или подобрени се повеќе од 2500 статии. Исто така, додадени се над 650 референци на постоечки статии, и извршена е обука за уредување на Википедија на вработени во ГЛАМ секторот.

Образовна програма

ГЛАМ Македонија работи на реализација на проекти поврзани со Википедија, чија главна цел е збогатување на знаењето кое е слободно.

Образовната програма – има за цел збогатување на Википедија со нови содржини како и проширување на постоечките. Оваа програма се одвива пред сè преку основање и одржување на Вики Клубови во Македонија, обука на млади и возрасни за уредување на Википедија. Од досегашната соработка ги издвојуваме: ООУ „Свети Климент Охридски“ Драчево, ООУ „Светозар Марковиќ“ Старо Нагоричане, Гимназија „Јосип Броз Тито“ од Скопје, ОУ „Кочо Рацин“ од Охрид, и други.

Првиот од седумте Вики Клубови во Македонија е основан во соработка со Музејот на македонската борба во Скопје. Започнa со својата работа на 19 октомври 2016 година. Останатите Вики Клубови се отворени и работат во: Старо Нагоричане, Охрид, Струга, Штип, Гевгелија Велес.

Вики Камп е заедничко дружење и уредување на Википедијанците ученици во траење од три дена. Првиот Вики Камп се одржа во Берово, од 15 до 17 декември 2017 г., вториот се одржа во Дојран во 2018 г., а третиот Вики Камп се одржа во Велес во 2019 г.. Добредојдени се сите заинтересирани. Повеќе за Вики Камповите на следниот линк: wikicamp.mk

Вики конференција за наставници е еднодневна обука и запознавање на наставниците со можностите кои ги нуди Википедија, како и со начините на кои Википедија може да се употреби како наставно средство.

Исто така се одржуваат уредувачки натпревари, уредувачки денови, работилници и маратони.

Во Вики Клубовите до март 2020 г. се обучени над 400 ученици, создадени или надополнети се над 6000 нови статии; повеќе од 200 наставници ја поминале обуката на Вики конференциите, а на Вики Кампот учествуваа 130 ученици од 20 школи од Македонија.